Одлуката за усогласување и менување на Царинската тарифа за 2019 година е објавена во Сл. Весник број 227 од 12.12.2018 година. Истата е веќе достапна на интернет на следниот линк
http://www.customs.gov.mk/index.php/mk/za-nas-mk/carinska-regulativa/zakon-za-carinska-tarifa во делот ПОДЗАКОНСКИ АКТИ. Во Oдлуката се направени следниве измени согласно Комбинираната номенклатура на ЕУ: - избришана е единечната мера 1000 л и истата е заменета со м3, - во тарифниот број 0308 избришан е тарифен подброј за свежи, разладени медузи, - во глава 15 е додадена нова дополнителна забелешка 5 и истата се однесува на прехранбени производи приготвени од производи од Глава 15 во одмерени дози, како што се капсули, таблети, пастили или пилули, кои се наменети за употреба како додатоци во исхраната (food supplements) и истите се исклучени од оваа Глава, - дополнителните забелешки од Глава 4, глава 17 и глава 27 се со мала измена со цел дообјаснување околу имплементација на соодветни применливи регулативи и поими, - во дополнителната забелешка 10 од глава 22 има измена во појаснувањето за пенливи ферментирани пијалоци, - во глава 76 додадена е дополнителна забелешка за материјал за изработка на лименки за пијалоци и соодветно отворени подброеви, односно изменета структура на тарифен подброј 7606 12, - во тарифен подброј 8443 13 кај машини за офсет печатење има измена на тарифни подброеви заради промена на форматот на листови кои ги користат. Претходно наведените измени се должат на промените во трговските текови и трговската пракса, поради појаснување на текстовите и нивно поедноставување, како и подобрување на текстот. На национално ниво во Царинската тарифа воведени се 17 тарифни ознаки во Глава 29 од Царинската тарифа и истите се однесуваат на халогени деривати на јаглеводороди од тарифен број 2903 . Ваквото воведување на нови тарифни ознаки на национално ниво (на деветта и десетта цифра) е согласно Препорката од Совет за царинска соработка за внесување на национални подброеви заради олеснето прибирање и споредување податоци за меѓународно движење на контролирани супстанции согласно Амандманот на Монтреалски Протокол за супстанции што ја оштетуваат озонската обвивка (Амандман 24 јуни 2011). Царинските стапки предвидени за увоз на стоки опфатени во новите тарифни ознаки остануваат исти како што биле утврдени во старите тарифни ознаки, односно тарифните ознаки од кои истите произлегле, а согласно Законот за царинска тарифа и не се предмет на усогласување и отворање на национални тарифни ознаки.